ТОМ ХЕНКС И ФИЛМОТ ЗА МЕРИЛИН МОНРО ГИ ПРЕДВОДАТ НОМИНАЦИИТЕ ЗА ЗЛАТНА МАЛИНА

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Биографскиот филм за Мерилин Монро, „Русокоса“ доби осум, а комедијата „Good Mourning“ седум номинации за Златна малина, со кои се наградува најлошото во Холивуд во пресрет на Оскарите. Покрај нив, за најлош филм се номинирани и „Пинокио“, „Кралевата ќерка“ и „Морбиус“.

Во конкуренција за најлош актер е и двократниот оскаровец Том Хенкс за улогата на полковникот Том Паркер во „Елвис“, покрај Машин Ган Кели, Пит Дејвидсон, Џаред Лето и Силвестер Сталоне. Хенкс има уште две номинации: за најлоша споредна машка улога („Пинокио“) и во категоријата најлоша двојка (лицето полно со латекс и смешниот акцент во „Елвис“).

Номинација за најлоша актерка добија Брајс Далас Хауард, Дајен Китон, Каја Скоделарио, Алиша Силверстоун и 12-годишната Рајан Кира Армстронг.

„Русокоса“, чиј режисер Ендрју Доминик е номиниран во три категории, е опишан како филм кој публиката го сакаше уште помалку од критичарите. Главната актерка Ана де Армас, сепак, беше поштедена.