ЏЕРЕМИ РЕНЕР ВЕЛИ ДЕКА ИМА НАД 30 СКРШЕНИ КОСКИ ОТКАКО ГО ПРЕГАЗИ ЧИСТАЧ ЗА СНЕГ

Невада, (Би-Би-Си)

Актерот Џереми Ренер откри дека му биле скршени повеќе од 30 коски во бизарната несреќа при чистење снег на 1 јануари. Тој се здоби со повреди на градниот кош и ортопедски повреди откако беше прегазен од сопствениот чистач за снег пред својот дом во Невада, по што четири дена беше во критична состојба.

Ренер, кој наполни 53 години една недела по несреќата, во меѓувреме излезе од болница, но рехабилитацијата ќе биде долга и непознато е кога повторно би можел да работи.

Оваа несреќа беше трагедија за целото мое семејство, но се претвори во голема обединувачка љубов. Овие повеќе од 30 скршени коски ќе заздрават, ќе станат посилни, исто како што се продлабочуваат љубовта и врските со семејството и пријателите“, напиша Ренер на Инстаграм.

Ренер настрадал додека му помагал на роднина заглавен во снегот. Откако успешно му го извлекол автомобилот, излегол од чистачот, кој потоа празен почнал да се движи и го прегазил.

(Фото: Твитер)