ТОМ КРУЗ НАВЕСТИ ДЕКА КОНЕЧНО ПОЧНАЛО СНИМАЊЕТО НА „ТОП ГАН 2“

Лос Анџелес, (Си-Ен-Ен)

Том Круз им навести на своите следбеници на Инстаграм дека почнува со снимањето на долго очекуваното продолжение на „Топ ган“, објавувајќи фотографија на којашто носи пилотска униформа.

„Почувствувај ја потребата! Ден 1“, кратко стои во прилог на фотографијата, снимена на писта.

Пред три години, Дејвид Елисон, извршниот директор на компанијата „Скајденс“, потврди дека вториот дел на големиот хит од 1986 година е во подготовка. Истата возбуденост потоа ја сподели и една од ѕвездите на оригиналниот филм, Вал Килмер.

„Пријатели ми велат дека е официјално. ‘Топ ган 2‘ беше објавен денеска. Јас сум подготвен, Том“, напиша Килмер на Инстаграм минатиот мај.

Оттогаш, дејството се држи во тајност.

„Авијацијата сега е поразлична отколку во 1986 година. Во тоа време, САД не беа во војна 15-20 години, а сега се константно во војна веќе 20 години. Ова е сосема поинаков свет сега, па не можеш да направиш класичен римејк на филмот. Вториот дел ќе мора да се прилагоди“, смета режисерот Џозеф Косински, за кого се шпекулира дека ќе го снима вториот дел.