ТРЕЈЛЕРОТ ЗА НОВИОТ ФИЛМ ЗА ЏЕЈМС БОНД ОСТАВА НИЗА ОТВОРЕНИ ПРАШАЊА

Лондон, (Би-Би-Си)

Првиот трејлер за „Нема време за умирање“, објавен вчера, им даде на фановите увид што да очекуваат од последното појавување на Даниел Крег во улогата на Џејмс Бонд.

Промотивното видео за првпат, додуша на кратко, го покажа оскаровецот Рами Малек како нов негативец, но и претстави нова агентка со дозвола за убивање.

Продукцијата на „Нема време за умирање“ ја следеа бројни проблеми, како повлекувањето на режисерот Дени Бојл и повредата на Крег, но тој, сепак, ќе излезе како што беше планирано, во април 2020.

„Ми беше неверојатна чест да го снимам филмот, но и многу тешко. Ова беше многу амбициозно сценарио за времето што го имавме. Имав чувство како да работам со оган под задникот“, кажа режисерот Кери Џоџи Фукунага.

Покрај Крег, во трејлерот може да се види низа други познати лица, како Криштоф Валц, Џефри Рајт, Леа Сејду, Бен Вишо, Реиф Фајнс и Наоми Харис, но посебен интерес привлекува ликот на Лашана Линч, која е претставена како нов 00 агент, што може да биде револуционерна промена за франшизата.

Засега е непознато кој е негативецот што го игра Малек, но се шпекулира дека би можел да биде Доктор Ноу.