„Врба“ на Милчо Манчевски, најгледаниот филм во Македонија, ја продолжува фестивалската турнеја во Србија, САД, Португалија и Бугарија.

На претстојниот 48. меѓународен филмски фестивал ФЕСТ во Белград (28 февруари-8 март), „Врба“ е во главната натпреварувачка програма, а првата од трите проекции ќе ја има на 2 март. Од Белград, „Врба“ патува на 40. Фантаспорто во Порто, еден од 20-те водечки фестивали во светот. Таму ќе биде прикажан на 6 март во програмата „Недела на режисери“.

Во март, „Врба“ ќе ја има и американската премиера, во натпреварувачката програма на Синеквест (3-15 март), што се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Калифорнија,

Истиот месец, „Врба“ ќе биде прикажан и на 24. Интернационален филмски фестивал во Софија (12-22 март).

Откако имаше светска премиера на Римскиот фестивал во октомври, „Врба“ за два и пол месеци киноприкажување ги сруши сите рекорди на гледаност и ја надмина бројката од 30.000 гледачи. Поради големиот интерес, од денеска повторно се враќа во Синеплекс, игра и во Кинотеката, а ќе продолжи да се прикажува и низ Македонија.