ФОТОГАЛЕРИЈА – ПОКРАЈ ЧИНАРОТ ВО ДЕБАР МААЛО ЌЕ НЀ ЧЕКА ГОРАН ЗА МУАБЕТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со музиката на омилените „Битлс“ на Горан Стефановски, во неговото омилено скопско Дебар Маало, вчера неговото семејство, другарите, роднините, соработниците го одбележаа неговиот 67. роденден. Реномираниот македонски драматург е роден на 25 април 1952 во Битола, а почина лани во ноември во Англија, каде живееше повеќе од две децении.

Во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“, на инцијатива на неговото семејство, од пред неколку денови е насаден чинар, а во соработка со Општина Центар, ќе се постави метална клупа, а во човечка големина ќе биде излиена неговата фигура како седи на клупата и на неа ќе има место за секој што сака да седне.

Синот на Горан Стефановски го прегрна чинарот на крајот од настанот (Фото: К. Попов)

Неговиот син Игор, облечен во маичка со „Битлс“, во ист хумор и стил како неговиот татко, му се обрати на чинарот: „Еден живот згасна, ама тука еве друг започнува. Предлагам да го викаме Горан, или Горанчо нагалено, додека да не порасне, па ајде да му кажеме: Здраво Горане. Добредојде дрво. Се надевам дека тука ќе ти биде убаво, дека ќе пуштиш длабок корен и дека ќе бидеш среќно. Еве ние во овие два часа ќе ти праќаме позитивна енергија, за да знаеш дека нема потреба за страв и дека те сакаме. Да наздравиме. За многу години“, рече Игор.

Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан, екс-членови на кулниот бенд „Леб и сол“ (Фото: К. Попов)

На настанот, насловен како Прослава на животот на Горан Стефановски, се пуштаа негови интервјуа, неговите омилени песни, се проектираа приватни фотографии, се споделуваа сеќавања и анегдоти. Актерите Драган Спасов-Дац и Јовица Михајловски ги прочитаа репликите од нивните улоги во „Огнени јазици“ и „Демонот од Дебар Маало“, Благоја Чоревски го читаше писмото на Стефановски до неговата внука Калина, а интимни моменти сподели и неговиот син Игор.

Сопругата на Горан Стефановски, Патриша (десно) со Бодан Арсовски и неговата сопруга (Фото: К. Попов)

Музичарот, актер и менаџер Петар Георгиевски-Камиказа ги насмеа граѓаните со неговата анегдота врзана за Горан.

„Со моторицкл дојдов на Факултетот за драмски уметности, и Горан ме гледа и вика: Oвој за двајца, велам да. Ај да ме однесеш до дома до Аеродром. Се качивме стигнавме до Аеродром, и ми вели: Ова било подобро од секс. Што не кажеш. Ајде да одиме до Сарај. Отидовме до Сарај. Во неговиот џеб имаше весник, чинам ‘Вечер’ и ми даде половина весник мене, половина за него. Си прочитавме секој својот дел и ми вели носи ме на ФДУ. Викам ајде до дома. Тој вели : Не, сега пешки ќе си одам до дома, сакам ова искуство да си го споделам со себе“, кажа Георгиевски.

Актерите Благоја Чоревски, Јовица Михајловски и Синоличка Трпкова- Меллес (Фото: К. Попов)

Професорката на Факултетот за драмски уметности, Синоличка Трпкова-Меллес говореше за работата на „Бушав буквар“, вториот дел од „Бушава азбука“. Горан ги создал нацртот и првата верзија од 15-те епизоди.

„Во втората половина на Букварот, што сега ја работиме без него, тој е уште повеќе присутен, со својот аманет и дух“, рече таа.

Стефановски е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.

Б. НЕСТОРОСКА

Актерката Софија Куновска (Фото: К. Попов)
Синот на Горан Стефановски, Игор (десно) со продуцентот од Шведска, Крис Торч (Фото: К. Попов)
Музичарите Александар Митевски, Бени Шаќири и Петар Георгиевски-Камиказа (Фото: К. Попов)
Професорката Мими Таневска (Фото: К. Попов)

 

Благоја Чоревски и театрологот и чичко на Горан, Ристе Стефановски (Фото: К. Попов)
Секој од гостите сакаше да фрли земја на чинарот во спомен на Горан Стефановски (Фото: К. Попов)
Професорката Јелена Лужина и актерот Роберт Вељановски (Фото: К. Попов)

 

Фото: К. Попов