ГИТАРИТЕ НА МАРК НОФЛЕР ОД „ДАЈР СТРЕИТС“ ПРОДАДЕНИ ЗА НАД 9 МИЛИОНИ ЕВРА

Лондон, (Би-Би-Си)

Гитарите и засилувачите на фронтменот на „Дајр стреитс“, Марк Нофлер, се продадени за 9,3 милиони евра на аукција, многу повеќе отколку што беа проценети. Нофлер продаде повеќе од 120 свои гитари и засилувачи, а 25 проценти од приходите ќе одат во добротворни цели.

Најголемата цена постигна гитара „Лес Пол“ од 1959, која беше продадена за 812.000 евра, поставувајќи нов светски рекорд за овој модел. Музичарот рече дека аукцијата била „неверојатно патување“.

„Многу сум задоволен што овие многу сакани инструменти ќе најдат нови свирачи и нови песни, како и што се собраа пари за добротворни цели“, изјави тој.

На аукцијата во Лондон имаше регистрирани понудувачи и купувачи од 61 земја.