ГРАТЧЕ НА САРДИНИЈА Е ПОИМ ЗА ДОЛГОВЕЧНОСТ ВО ЕВРОПА, 10. ЖИТЕЛ ГО СЛАВИ 100. РОДЕНДЕН

Сардинија, (Гардијан)

Виторио Лаи сè уште вози и лови диви свињи, а во саботата стана последниот жител на италијанското гратче Пердасдефогу кој наполнил 100 години. Овој месец, ваков јубилеј ќе прослави и Пјуча Лаи, со што Пердасдефогу ќе има десетмина стогодишници меѓу своите 1.765 жители.

Пердасдефогу се наоѓа на Сардинија, една од петте области на светот која има голема концентрација на стогодишници. На целиот остров ги има вкупно 534, односно 33,6 на 100.000 жители.

За ова зафрлено планинско гратче првпат се слушна во 2012, кога семејството Мелис, составено од деветмина браќа и сестри, влезе во Гинисова книга на рекорди како најстаро на светот, со вкупна возраст од 818 години. Моментално, најстариот жител е Антонио Брунду, кој во март ќе наполни 104 години.

Вообичаено, целиот град доаѓа на прославите на 100. роденден, но поради ситуацијата со коронавирусот, Лаи покани на ручек само роднини и неколкумина пријатели. Неговата сопруга Марија има 97 години.

Пјуча Лаи ќе го прослави 100. роденден на 21 февруари.

„Сум живеела низ глад и војна, фашизам и демократија, сум гласала на 2 јануари 1946 кога првпат им беше дозволено на жените и сум сретнала десетмина папи“, се присети таа.

Неколкумина научници го проучуваа Пердасдефогу, во обид да ја откријат тајната на долговечноста.

„Ние сме тесно поврзана заедница. Има исклучоци, но тука сите се сакаме и грижиме едни за други“, вели Виторио Лаи.