И НАЈДОБРАТА МАКЕДОНСКА ФУДБАЛЕРКА НАТАША АНДОНОВА ЌЕ ИГРА ВО САУДИСКА АРАБИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Најдобрата македонска фудбалерка Наташа Андонова ќе ја продолжи кариерата во Саудиска Арабија, каде што во изминатите година и пол се преселија бројни фудбалски ѕвезди, почнувајќи од Кристијано Роналдо. Триесетгодишната Андонова вчера беше претставена како нов играч на Ал Шабаб од Ријад.

Навистина сум почестена и возбудена што можам да објавам дека потпишав договор со Ал Шабаб. Привилегија е што се приклучувам на еден од најценетите фудбалски клубови во Саудиска Арабија. Ова означува значајна пресвртница во мојата кариера. Сакам да им се заблагодарам на сите во Ал Шабаб за нивната доверба и верување во моите способности“, кажа Андонова.

Родена во Неготино, Андонова од 17 години настапува во странство, при што играше за некои од најдобрите европски екипи, како Турбине Потсдам (Германија), Росенгорд (Шведска), ПСЖ (Франција) и Барселона (Шпанија). Во изминатите пет години беше член на Леванте од Валенсија.

(Фото: Фејсбук)