ИСЧЕЗНАТАТА АКТЕРКА НАЈА РИВЕРА ВЕРОЈАТНО СЕ УДАВИЛА, ТРЕТА ЅВЕЗДА НА СЕРИЈАТА „ГЛИ“ КОЈА ПОЧИНА ПРЕРАНО

Лос Анџелес, (АП)

Властите ќе направат уште еден обид да ја пронајдат исчезнатата ѕвезда на серијата „Гли“, Наја Ривера, за која се верува дека се удавила во езеро во јужна Калифорнија додека била на бротче со својот четиригодишен син.

Триесет и тригодишната Ривера исчезнала откако изнајмила бротче и заминала по езерото Пиру во близина на Лос Анџелес, изјавија од канцеларијата на шерифот на областа Вентура. Вчерашната потрага во која учествуваа нуркачи, хеликоптери и дронови не вроди со плод. Во делот каде што е пронајдено бротчето езерото е длабоко девет метри и исполнето со растенија.

Ривера ја играше чирлидерката и пејачка Сантана Лопес во 113 епизоди на „Гли“, популарната музичка комедија што се емитуваше на „Фокс“ од 2009 до 2015 година и освои шест Еми награди и четири златни глобуси.

Ако се потврдат стравувањата, таа ќе биде трет член на актерската екипа на „Гли“ кој почина прерано: Кори Монтит почина во 2013 на 31-годишна возраст од предозирање, а Марк Солинг (35) се самоуби во јануари 2018 откако ги призна обвиненијата за поседување детска порнографија.