ЅВЕЗДАТА НА СЕРИЈАТА „ГЛИ“ НАЈА РИВЕРА СИ ГО СПАСИЛА СИНОТ ПРЕД ДА СЕ УДАВИ

Лос Анџелес, (АП)

Ѕвездата на серијата „Гли“ Наја Ривера успеала да го спаси својот четиригодишен син пред да се удави во езеро во Калифорнија, објави шерифот на областа Вентура, откако вчера беше пронајдено нејзиното тело по петдневната потрага.

„Таа мора да имала доволно енергија за да го врати својот син на бродот, но недоволно за да се спаси себеси“, изјави шерифот Бил Ајуб.

Момчето било пронајдено како спие на изнајмениот брод три часа откако со 33-годишната Ривера отпловиле по езерото Пиру, североисточно од Лос Анџелес.

„Мајката и синот отишле да пливаат, што е дозволено во тој дел од езерото. Таа не носела појас за спасување. Тој ни кажа дека мајка му успеала да го качи на бродот, по што исчезнала во водата“, кажа Ајуб.

Ривера ја играше чирлидерката и пејачка Сантана Лопес во 113 епизоди на „Гли“, популарната музичка комедија што се емитуваше на „Фокс“ од 2009 до 2015 година и освои шест Еми награди и четири златни глобуси. Таа е трет член на актерската екипа кој почина прерано: Кори Монтит (31) почина во 2013 од предозирање, а Марк Солинг (35) се самоуби во јануари 2018 откако ги призна обвиненијата за поседување детска порнографија.