Ел Салвадор денеска стана прва држава на светот која го усвои биткоинот како легално средство за плаќање. И додека поборниците на експериментот сметаат дека тоа ќе ја намали провизијата за милијарди долари што во земјата ги праќаат иселениците, критичарите предупредуваат дека ова може да биде проследено со финансиски ризици и перење пари.

Промената значи дека бизнисите ќе можат да примаат плаќања во биткоини, покрај американскиот долар, кој е официјална валута во земјата од 2001 година.

Претседателот Најиб Букеле, кој ја туркаше идејата, вели дека Салвадорците на овој начин ќе заштедат 400 милиони долари годишно, колку што се трошат на провизии, а финансиските услуги ќе се отворат за оние кои немаат банкарска сметка.

Букеле вети дека секој граѓанин ќе добие 30 долари во биткоини ако се пријави за владин дигитален паричник. Ел Салвадор претходно купи 300 биткоини, што, според Букеле, помогнало вредноста на криптовалутата да надмине 52.000 долари.