ЌЕ ПРОСЛАВАМ СО ЧАША МЛЕКО ВО ПРАВ – МАЈКЛ ПЕЈЛИН СТАНА ПРВИОТ ЧЛЕН НА „МОНТИ ПАЈТОН“ СО ТИТУЛАТА СЕР

Лондон, (Би-Би-Си)

Мајкл Пејлин им оддаде признание на останатите колеги од „Монти Пајтон“, откако стана првиот член на легендарната британска комична група кој ја добил титулата сер.

Иако првенствено препознатлив како комичар, 75-годишниот Пејлин е почестен за својот придонес кон патувањата, културата и географијата, благодарение на неговата кариера на автор и водител на документарци, кои го однесоа на сите страни на светот, последно во Северна Кореја.

„Планирам да го одбележам моето последно постигнување. Можеби ќе си направам мала прослава, ќе испијам чаша млеко во прав и потоа ќе си легнам“, во свој стил изјави Пејлин.

„Монти Пајтон“ следната година одбележуваат 50-годишен јубилеј (Фото: ПА)

За „Монти Пајтон“, кои следната година ќе го одбележат петдеценискиот јубилеј, тој вели дека е несомнено врвот на неговата кариера.

„Следната година ќе бидат 50 години откако почнаа ‘Монти Пајтон‘ и навистина е нешто посебно што и по толку многу време, тоа сѐ уште се репризира на телевизија и сѐ уште се цени. Јас имав среќа да запознам петмина други луѓе кои ја имаат истата смисла за хумор како мене и кои ја почитуваат работата на останатите. ‘Монти Пајтон‘ засекогаш ќе биде мојот врв и благодарен сум и горд што сум дел од тоа“, изјави Пејлин.

Тој во 1969 година ѝ се придружи на групата, чие влијание врз комедијата може да се спореди со она на „Битлс“ во музиката. Потоа оствари успешна кариера и како патописец, па пред неколку години ја посети и Македонија.