КИМ КАРДАШИЈАН САКА ДА ОСЛОБОДИ УШТЕ ЕДЕН ЗАТВОРЕНИК ОСУДЕН НА ДОЖИВОТНА ПОРАДИ МАРИХУАНА

Њујорк, (Би-Би-Си)

Ким Кардашијан изјави дека почнала борба за ослободување на уште еден затвореник, осуден на доживотен затвор поради поседување дрога.

Таа смета дека сега 30-годишниот Крис Јанг добил нефер казна и дека законите мора да се променат, за што често комуницира со Белата куќа.

Во мај, Кардашијан се сретна со Доналд Трамп и издејствува ослободување на Алис Мери Џонсон, која помина 21 година во затвор за ненасилен прекршок со дрога.

„Крис Јанг доби доживотен затвор за поседување марихуана и помалку од половина грам кокаин. Тоа не е фер“, вели реалити ѕвездата.

Јанг бил уапсен пред осум години и осуден без право на условна, откако претходно веќе имал два слични прекршоци. Според законите на Тенеси, за три обвиненија автоматски се изрекува доживотен затвор.

Ким вели дека Крис, кој боледува од анемија, во затворот учел во слободно време и многу читал. Таа ја води борбата за затворски реформи заедно со зетот на Трамп, Џеред Кушнер.