КИРЕ ЛАЗАРОВ ОСТАВА ИМПРЕСИВНО НАСЛЕДСТВО И ТЕШКО ДОСТИЖНИ БРОЈКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Кире Лазаров објави дека ја завршува играчката кариера на 42 години. Синоним за македонскиот ракомет повеќе од две децении, Лазаров остава импресивно наследство во ракометните анали и тешко достижни бројки.

  • Од Овче Поле до Нант, Кире го носеше дресот на само осум клуба во три децении на ракометните терени.
  • По афирмацијата во Борец и Пелистер, во странство замина во 2000, оставајќи силен печат во Загреб, Веспрем, Сиудад Реал/Атлетико Мадрид, Барселона и Нант.
  • Неговата колекција брои 56 трофеи, вклучувајќи ја Лигата на шампионите со Барселона во 2015.
  • Во европските купови дебитираше како 14-годишник, со Борец во 1995, а последниот меч го одигра 27 години подоцна, на 6 април против Фуксе Берлин.
  • На европската сцена постигна повеќе од 1.400 голови, од кои огромно мнозинство во Лигата на шампионите.
  • Првиот меч за националниот тим го имаше на 23 септември 1998 против Белгија, последниот на 17 април 2022 против Чешка.
  • Севкупно, 236 натпревари и 1.728 голови во репрезентативната „седумка“.
  • Со исклучок на ЕП 1998 во Италија, играше на сите големи натпреварувања на кои се пласираше Македонија: седум светски и шест европски првенства.
  • Со 92 гола на СП 2009 и со 61 гол на ЕП 2012 останува рекордер на двете натпреварувања.
  • Транзицијата кон тренерските води ја почна во февруари 2021, кога беше назначен за селектор на машката репрезентација.