КИТ ХАРИНГТОН СЕ ПРИЈАВИ НА РЕХАБИЛИТАЦИЈА ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА „ИГРА НА ТРОНОВИ“

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Ѕвездата на „Игра на тронови“ Кит Харингтон се пријавил во рехабилитациски центар во САД поради стрес по завршувањето на серијата. Американските медиуми објавија дека тој заминал на третман пред неколку недели.

„Кит има некои приватни проблеми и работи на нивно решавање“, изјави негов публицист.

Во едно неодамнешно интервју, британскиот актер призна дека бил преплавен од емоции по завршувањето на снимањето на последната сезона на „Игра на тронови“, на која работеше осум сезони.

„На последниот ден од снимањето се чувствував добро, но потоа почнав малку да хипервентилирам. Кога рекоа дека е готово, се скршив. Тоа беше напад на олеснување н тага што веќе никогаш нема да го правам ова“, изјави Харингтон.

Во неделата, Ејч-Би-О објави документарец за снимањето на последната сезона, во којшто Харингтон е прикажан како плаче кога дознава дека ја убива Денерис, но и поради судбината на својот лик.

И други ѕвезди од серијата, како Мејзи Вилијамс и Ајзак Хемпстед Рајт, признаа дека снимањата биле немилосрдни и дека животот им се одвивал под голем притисок.