Мекензи Безос, бившата сопруга на Џеф Безос, вети дека ќе донира половина од своето богатство, што ѝ припадна по разводот.

Таа се придружи на други милијардери во иницијативата „Гивинг плеџ“, што ја покренаа Бил Гејтс и Ворен Бафет, кои исто така ветија дека ќе донираат половина или повеќе од своето богатство.

Богатството на Мекензи Безос, која неодамна се разведе од основачот на „Амазон“ по 26 години брак, е проценето на 37 милијарди долари.

„Секој од нас има доволно количество пари што може да ги сподели. Мојот пристап кон филантропија ќе остане внимателен и на неа ќе посветам време, напори и грижа“, изјави Безос.

На „Гивинг плеџ“ досега се потпишале 204 поединци, двојки и семејства од 23 држави. Меѓу нив се и Мајкл Блумберг, Тед Тарнер и Марк Закерберг, но не и Џеф Безос, кој важи за најбогат човек на светот.