КОРОНАВИРУСОТ БИ МОЖЕЛ ДА ВЛИЈАЕ ВРЗ ФУДБАЛОТ УШТЕ ДВЕ-ТРИ ГОДИНИ, ВЕЛАТ ОД УЕФА

Нион, (Би-Би-Си)

Коронавирусот би можел да влијае врз меѓународниот фудбал уште две-три години, велат од УЕФА.

Ларс-Кристер Олсон, кој е член на Извршниот комитет на УЕФА и претседател на Европски лиги, вели дека ќе треба да се почека за да се проценат размерите на нарушувањето на фудбалот предизвикано од пандемијата, што би можело да го погоди и Светското првенство 2022 во Катар. УЕФА се надева дека ќе може да ги доврши Лигата на шампионите и Лига Европа во август, за што ќе се решава на крајот на мај.

„Подобро сценарио е оваа сезона да не биде завршена отколку да не ја почнеме новата. Нема консензус помеѓу државите околу завршувањето на домашните првенства бидејќи секоја земја се соочува со различна ситуација. Моја проценка е дека меѓународниот фудбал ќе биде погоден две, можеби три години“, вели Олсон.

Француското првенство воопшто нема да продолжи откако владата ги забрани сите спортски натпревари до 1 септември, дури и без публика, а целосно е откажана и сезоната во Холандија, каде што нема да има шампион, ниту испаѓање од лигата. Слична одлука најави и Белгија, а италијанскиот министер за спорт Спадафора изрази сомнеж дека Серија А би можела да продолжи оваа сезона.

„Се обидуваме да го стиснеме остатокот од сезоната 2019/20 во август. За тоа ќе мора да се донесе одлука најдоцна до крајот на мај“, смета Олсон.

Коронавирусот ги парализираше сите сфери од животот, па така и фудбалот, а најголема жртва е Европското првенство, кое е префрлено во 2021.

„Нереално е да се игра пред септември. Прерано е да им дозволиме на играчите да имаат меѓусебен директен контакт“, изјави првиот лекар на ФИФА, Михел Д‘Хуге.