„КРОАЦИЈА РЕКОРДС“ ПО 40 ГОДИНИ ПОВТОРНО ГО ОБЈАВИ АЛБУМОТ СО ПЕСНИ ОД БЛАЖЕ КОНЕСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Кроација рекордс“ спои неколку големи јубилеи за да го реиздаде албумот со песни од Блаже Конески, што оригинално беше снимен пред 40 години. Албумот „Проста и строга македонска песна“ претставува избор на песни од Конески, што ги рецитира Цветанка Трпкова, во пијано придружба на Љубомир Бранѓолица.

„Ова е година на големи јубилеи за Македонија. Државата слави 30 години независност и се одбележуваат 100 години од раѓањето на Конески. Кога на тоа ќе се додаде дека и албумот излезе пред точно четири децении, имавме многу добри поводи за негово повторно објавување на цеде токму оваа година“, вели музичкиот уредник во „Кроација рекордс“, Никола Кнежевиќ.

Хрватската издавачка куќа повторно го објави и албумот на Зафир Хаџиманов од 1986 година, „Зафир пее“.

„Тој знаеше дека повторно ќе го објавиме овој албум, но, за жал, не ја доживеа промоцијата“, додаде Кнежевиќ.

Македонската музичка легенда почина во март годинава од последниците на коронавирусот.

Г. КОНЕВ