ЛЕГЕНДАРНИОТ МАРЦЕЛ ХИРШЕР ПОВТОРНО ЌЕ СКИЈА ПО ПЕТ ГОДИНИ ПАУЗА, НО НЕ ЗА АВСТРИЈА, ТУКУ ЗА ХОЛАНДИЈА

Виена, (АП)

Марцел Хиршер, еден од најуспешните скијачи на сите времиња, најави дека повторно ќе настапува следната сезона, пет години откако објави дека ја завршува кариерата. Сепак, 35-годишниот Хиршер нема да скија за родната земја Австрија, туку под знамето на Холандија, од каде што потекнува мајка му.

Австриската федерација за зимски спортови објави дека му дозволила на Хиршер да промени репрезентација.

„Луѓето ме прашуваат зошто го правам ова, но за мене е јасно: затоа што радоста на скијањето никогаш не ме напуштила, многу ми е забавно“, изјави Хиршер.

Холандија, која нема планини, никогаш немала скијач од калибарот на Хиршер.

„Беше полесно и подобро Холандската федерација да го оствари овој проект. Не сакав да им одземам ресурси на младите скијачи во Австрија“, кажа Хиршер.

Тој се повлече во 2019 по освојувањето на рекордниот осми голем кристален глобус во Светскиот куп, во кој има 67 победи. Има и две злата и едно сребро од олимпијадите и седум титули од светските првенства.