Дваесетина студенти се учесници на 13. Летна школа за конзервација и реставрација на римска керамика, стакло и мозик. Тие три седмици престојуваа, работеа и учеа во археолошкиот локалитет Стоби, каде се реализираше оваа школа којa опфати две работилници, едната беше за керамика и стакло со десет посетители и втората за мозаик со девет посетители.
„Студирам класична археологија и престојот овде е одлична можност да научам пракса и да добијам дополнителни знаења за на факултет“, рече Сара Гаури, која доаѓа од Тексас, САД.
По воведните предавања кои се однесуваат на историјата на Стоби, историјата на керамика, карактеристиките на глината и керамиката и основни принципи на конзервација и реставрација, учесниците работат и конзервација на керамички садови – реплики на римски садови.
„Студентите работат на конзервација на керамички и стаклени садови, и превентивна заштита на керамички садови од колекцијата на Националната установа Стоби. Дел од предметите кои ќе бидат завршени ќе бидат и изложени во идната музејска зграда“, кажа Биљана Јанкуловска-Пеева, конзерватор за керамика во НУ Стоби.
Во тек се и конзерваториските активности во рамки на работилницата за документација и конзервација на мозаик. Учeсниците работат на конзервација на околу 200 делови од мозаик, пронајдени во просторија во близина на храмот на Изида.
„Главна цел е да се заштитат овие фрагменти ин ситу, на лице место, а во попладневните часови работиме на мали фрагметни од ѕиден мозаик исто така пронајден во Стоби. Учесниците работат и на други процеси, во лабoраторија“, изјави Томе Филов, конзерватор на мозаик од НУ Стоби.
По вторпат за две години на оваа летна школа доаѓа Кети Двеј од Минеаполис, САД.
„Минатата година бев на школата за керамика и видов како се работи на реставрација на мозаик. Затоа дојдов и оваа година, ја следам таа школа за да добијаm целосно занење и пракса“, рече Двеј.
Работилницата за конзервација и реставрација на римска керамика и стакло и мозаик е во соработка со Фондација „Балканско наследство“ од Стара Загора, Бугарија која трае од 2010. Годинава 19 учесници доаѓаат од шест држави, САД, Австралија, Велика Британија, Канада, Кина и Полска.
П. ПЕЧКОВ