ЖИВОТОТ НА ТОШЕ ЌЕ МОЖАТ ДА ГО ДОЖИВЕАТ ЛИЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД СО ТАКТИЛНИ СЛИКИ ВО СПОМЕН КУЌАТА ВО КРУШЕВО

Крушево, (СМАРТ СДК.МК)

Tактилни слики од Тоше Проески се поставени во Спомен куќата „Тодор Проески“ во Крушево, со цел лицата со оштетен вид да почувствуваат како изгледала македонска музичка ѕвезда преку неговиот портрет. Збирката се состои од 10 слики кои на слепите и на оние со оштетен вид им овозможуваат со допир да ги запознаат ликот на пејачот и музејските предмети поврзани со неговите живот и музичка кариера.

Поставката содржи текст на Брајово писмо и кју-ар код со аудионарација. Прикажани се „бубата“, омилениот автомобил на Тоше и неговите гитари, манастирот „Свето Преображение“, наградата Златна бубамара која ја добивал 13 пати по ред, икона на Богородица, ланчето од Јамајка и Медалот за хуманост од Црвениот крст кој го добил за крводарителските акции и за хуманитарните концерти кои ги одржал.

Поставката на тактилни слики ја прикажува и бубата, омилениот автомобил на Тоше (Фото: Смарт.СДК.МК)

„Со нивното поставување сакавме музејските предмети да ги направиме подостапни за лицата со оштетен вид кои се редовни посетители од отворањето. Во Спомен куќата доаѓаат сите кои го сакаа Тоше и таа е изградена да биде достапна за сите, посебно за лицата со попречености и потешкотии. Секоја нивна посета е посебно емотивна, секој од нив има по некој спомен што ги поврзува со Тоше и сака да го сподели со нас. Едно лице со оштетен вид побара да ја допре восочната фигура на Тоше и се сети кога го допрел Тоше на еден негов концерт. Кажа дека восочната фигура неверојатано личи на Тоше“, ни изјави Лефкија Гажовска, дриректорка на Спомен куќата.

Дел од сликите за лицата со оштетен вид се и гитарите на Тоше (Фото: Смарт.СДК.МК)

Сликите за лицата со оштетен вид ги изработија Јове Парговски, Андријана Шокларвска и Михаил Марковски. Со ова се збогати музејската збирка од 22 витрини со предмети кои досега се изменети и дополнети неколкупати.

Од Спомен куќата велат дека во иднина планираат преку соработка и спонзорства да набаваат концертно пијано, кое било дамнешна желба на Тоше.

Посетеноста на Спомен куќата во Крушево беше многу голема во првите три години од нејзиното отворање во 2011 и работеше во две смени. Денес, 12 години подоцна, останува релативно голема, па музејот се вбројува меѓу петте најпосетени во Македонија. Туристи доаѓаат најчесто од Хрватска, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија, како и наши иселеници.

Музејот беше отворен на 25 април 2011, а камен-темелникот беше ставен на 25 јануари 2009, на роденденот на Тоше. Спомен куќата работи од 9 до 16 часот, секој ден освен понеделник.

Ж.ЗДРАВКОВСКА