ЉУБОВ ОД ЧЕТИРИ И ПОЛ ДЕЦЕНИИ – МИЛЕНА ДРАВИЌ И ДРАГАН НИКОЛИЌ СЕ ВЕНЧАА ДОДЕКА СНИМАА ФИЛМ

Белград, (разни извори)

Милена Дравиќ, најголемата филмска дива на поранешна Југославија, почина ноќеска на 78 години по тешко боледување.

Откако била забележана на насловната страница на магазинот „Дуга“, Милена Дравиќ ја добила првата филмска улога во 1959 година, почнувајќи актерска кариера која во наредните шест децении ќе ѝ донесе огромна популарност и легендарен статус. Меѓу бројните награди се истакнува онаа за најдобра споредна улога на Канскиот фестивал во 1980 година.

Милена Дравиќ на Канскиот филмски фестивал во 1980 година

Но, животот на Милена Дравиќ е и една голема љубовна приказна со колегата Драган Николиќ, чие заминување пред две и пол години тешко го поднесе.

„Се запознавме на снимањето на филмот ‘Хороскоп‘ во 1969 година. Таа веќе беше популарна, а мене тоа ми беше трет-четврти филм. Тогаш првпат ја видов во живо. Се спријателивме на снимањето. Тоа беше голема дружба, од која произлезе и љубов“, се присети Николиќ своевремено.

Тие се венчаа две години подоцна, додека снимаа еден телевизиски филм.

„Венчавката беше симболична. Во пауза меѓу две снимања, побаравме дополнителен час и отидовме во општина да склучиме брак. Потоа се вративме на работа и продолживме да снимаме. Немаме ниедна фотографија од венчавката“, кажа Николиќ.

Милена и Драган ретко јавно зборуваа за својот брак, но секогаш истакнуваа дека еден на друг си се најголеми поддршка и критичар. Никогаш не си љубомореа, ниту мешаа во кариерите.

Ги раздели неговата смрт во март 2016 година, по што и Дравиќ се разболе.

„Со него го загубив сето она што ги правеше најубавите години од мојот живот. Тој беше олицетворение на добрина, зад себе остави големо дело, а јас ги загубив неговите љубов и поддршка“, кажа Дравиќ во едно од последните интервјуа.