Актери, уметници, професори, музичари синоќа го преполнија скопскиот Културен центар „Лабораториум“ на промоцијата на „Манчевски: Пет есеи“, новата книга на режисерот Милчо Манчевски. Промоцијата помина како мултимедијален настан кој обедини публика од различни генерации, која ги следеше анализите и филозофските читања на делата на Манчевски.
Освен промоцијата, имаше и проекција на неговите наградувани филмови „Четврток“ (2014, САД) „Крајот на времето“ (2017, кубанско-американски) и вечерта заврши со „Бикини Мун“ (2017, САД).
Издавач на двојазичната книга (македонски и англиски) е Филозофското друштво на Македонија. Предговорот е на проф. д-р Иван Џепароски.
Промоторката, професорката на Филозофски факултет Ана Димишковска кажа дека Манчевски, во континуитет, низ целото негово творештво, „покрај креирањето филмски дела, преку есеистичкиот формат се запрашува и за нашата длабока потреба од раскажување и споделување приказни, за природата на вистината и за дистинкцијата вистина-прикаска во филмот (играното и документарното), за дијалогот на авторот со уметничкото дело, за насилството во уметноста, за проблемот на претставувањето, т.е. односот уметност-стварност, но и за хуманизмот којшто лежи во центарот на самата уметност – теми коишто го предизвикуваат нашиот однос, не само кон уметноста, туку и кон светот, и покажуваат една подлабока потреба на авторот, не само од творење, туку и од постојано бидување во дијалог со својата уметничка пракса“.
„И токму овој дијалог, централен и за филозофијата, е она што го ситуира ова дело на пресекот меѓу филозофијата и филмот, меѓу естетиката и уметничката пракса, посочувајќи ја неговата важност при секое чинење уметност и размислување за неа“, кажа проф. д-р Димишковска.
Делови од есеите во книгата читаа актерите Никола Ристески и Елена Кузманов.
Промоцијата е во соработка со музичката платформа „Терапија“, од каде најавувуваат натамошна соработка со Манчевски.
Фото: За книгата говореше проф.д-р Ана Димишковска (Фејсбук)