МЕ ПРЕГАЗИ АВТОМОБИЛ И БЕВ НЕПОДВИЖНА, КАПЕЊЕТО ВО СТУДЕНА ВОДА МЕ СПАСИ, ВЕЛИ РЕСЕНЧАНКАТА БЕТИКА КОТОВЧЕВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Бети Котовчевска (29) од Ресен, на социјалните мрежи позната како Бетика, има необична страст која за неа е животен мотив – капење во студена вода. Се капела во студена вода во 35 земји, а во Лапонија го поставила својот рекорд во вода која имала 0 Целзиусови степени, а надворешната температура била -34.

Бетика десет години професионално играла ракомет и планинарела, сѐ до тешката сообраќајка која ѝ го сменила животот.

„Имав само 18 години кога ме прегази автомобил, паднав во тешка депресија кога ми соопштија дека не смеам ниту да одам. Ми рекоа: ‘Заборави на планините, заборави на ракометот, заборави на сѐ’. Закрепнувањето беше бавно и тешко. Тоа толку многу ме погоди зашто јас бев многу активно, би се нарекла и хиперактивно дете. Професионално се занимавав со ракомет 10 години, ракометот беше мојот живот. И оп, еден ден нема ништо од тоа. Бев неподвижна и во депресија, добив плус 20 килограми. Сакав да се откажам од животот, ништо немаше смисла“, вели Котовчевска.

Во тој период не знаела како да се избори со тоа зашто имала само 18 години. Ја спасиле холандскиот спортист Вим Хоф, познат како Ледениот Човек и неговата филозофија.

Во Лапонија, Бетика го постави својот рекорд, капење во вода која имала нула степени (Фото: Инстаграм)

„Мојот подвиг започна пред девет години, на моја 20-годишна возраст, кога се соочував со непознати и неискусени чувства во моето тело што требаше да бидат излекувани, затоа што слабееше моето психичко и физичко здравје. Кога погледнав подлабоко во природата, сфатив дека сите одговори за нашите болести можат да бидат пронајдени во неа. Се плашев од студена вода, па решив да запливам во стравот. Така започна моето патешествие со ладната вода. Од девојkа која мразеше ладна вода се претворив во ‘ледена кралица’, како што луѓето денес ме нарекуваат“, ни рече Котовчевска.

Стравот од студена вода почнала да го надминува постепено и без форсирање, со студени тушеви. Вели дека никогаш нема да го заборави нејзиното прво капење во студена вода.

„Бев исплашена и сосема сама. Но, додека сите околу мене беа скептични за мојата ситуација, јас верував. Секој ден, секој ладен туш со акцент на мојата неподвижна нога, процесот беше бавен и тежок, но јас не се откажав. Благодарение на ладната вода, денес пак се вратив на истото, како никогаш ништо да не било“, се сеќава Котовчевска.

Досега има пропатувано 35 држави во светот, меѓу кои и цела Скандинавија, која ѝ оставила најголем впечаток затоа што капењето во студена вода таму е секојдневие.

„Таму можеш да видиш како луѓето ги капат своите дечиња во студена вода. Моето најекстремно капење беше во Лапонија, Финска, каде што живеев две години. Таму дневната температура честопати е -27, што навечер се спушта и до -30. Во Лапонија го поставив својот рекорд, капење во ладна вода од 0 степени, а надворешна -34 Целзиусови степени“, вели Котовчевска.

Минатата година на 3 август, нејзиниот учител Вим Хоф имал работилница во Келн, Германија, а таа имала голема желба да оди.

Бети Котовчевска со својот учител, холандскиот спортист Вим Хоф лани во Келн (Фото: Фејсбук)

„Билетите за вакви настани се многу скапи, па јас решив да си купам сребрена влезница за трибините, а со другите пари да пропатувам. Дневна карта за еден ден со Вим Хоф беше преку илјада евра, па си реков: ‘Во ред е, јас секако ќе ја почувствувам неговата енергија, не морам да сум баш до него’. Но, малата Бети во мене беше лута што не си дозволив да му се доближам на учителот, сите мои часови досега беа онлајн. Завршува работилницата и на крајот луѓето кои имаа златни билети можеа да се сликаат со Хоф. Видно разочарана излегов од салата и си реков себеси дека сѐ е во ред. Уште од почеток на моето патешествие мојата мисија беше да го сретнам Вим Хоф и да му ја раскажам мојата приказна, да му кажам колку сум му благодарна за тоа што неговиот метод ме врати во живот. Така разочарана слушнав како одекнува музика од една споредна улица и се упатив таму да се опуштам, имаше некој летен фестивал. Поминаа два часа, па тргнав кон моето сместување. Во принцип одам брзо и гледам само право, но овојпат како да слушнав некој глас како ми шепоти: ‘А, каде брзаш Бетиче? На одмор си, сама си во Келн, уживај’. На раскрсницата пред Арената нешто ме наведе да ја свртам главата лево. Во исто време и на исто место го сретнав мојот учител Вим Хоф. Човекот кој направи 26 светски рекорди само да му докаже и покаже на човештвото дека ние сме излечливи со мајка природа. Ете го пред мене, од сите тие 4.000 луѓе на неговата работилница јас бев избраната да го сретнам на тревникот и да му ја раскажам целата приказна. Тој ден никогаш нема да го заборавам, тој ден е само една голема потврда дека ако сакаме нешто со целото срце, ќе се исполни. А, мене ми се исполни најголемата желба тој ден“, се сеќава Бетика на еден од најважните денови за неа.

Чувството да се капеш во студена вода е како одново да се раѓаш, вели Котовчевска (Фото: Приватна архива)

Минатата година, таа си постави тежок предизвик: 366 дена секојдневно капење во студена вода за првпат во изминативе девет години. За предизвикот, таа секојдневно објавуваше на соицјалните мрежи.

„Предизвикот беше доста напорен и тежок, секое капење буди различна емоција. Мотивација да влезете во ладна вода нема никогаш да имате, но тука настапува дисциплината. Моето главно мото беше: ‘Секој ден имаш 24 часа во денот, две минути се буквално ништо за да ги посветиш на себеси и на твоето ментално и физичко здравје’. Тоа ме водеше низ цела година, па денес славам година и 27 дена секојдневно капење. Не се откажав, само продолжив. Ништо не е тешко кога длабоко сакаме“, вели Котовчевска.

Котовчевска на Козјак (Фото: Инстаграм)

„Чувството да се капеш во студена вода е како одново да се раѓаш. Се буди целото тело, се буди буквално сѐ знајно и незнајно во тебе, добиваш чистина, мир, спокој и премногу сила. Никогаш не ги форсирам моите капења, науката вели дека две минути се сосема доволни за да се вклучат сите системи во телото. А, сѐ што е плус е само за лична сатисфакција и надоградба. Кога се спремав за експедицијата на Вим Хоф, имав ‘студено капење’ од 10 минути, понекогаш и повеќе“, вели Котовчевска и додава дека толку долго капење во студена вода не препорачува, а во овој случај тоа го направила за лична сатисфакција и тренинг пред нејзината експедиција.

Бетика вели дека капењето во ладните води има бенефити за целото тело, како физички, така и психички.

„Водата нè учи да дишеме правилно. Дишењето е најбитно во оваа дисциплина. Ладната вода ја стимулира т. н. ‘сина точка’ во мозокот, со што се поттикнува производство на норадреналин, хормон кој ја намалува депресијата. Позитивно влијае и на хормоните поврзани со плодноста. Студената вода го подобрува и јакне имунитетот. Искрено, седум години не знам што е болест. Ладната вода го зголемува бројот на бели крвни зрнца, кои пак се директни заштитници на имунитетот. Добиваме поголема енергичност, нè прави да сме будни. Релаксира и го намалува стресот, ги разбиструва умот и телото, го прави поцврсто и позатегнато. Контрахирањето на мускулите во ладна вода е мевлем за размрдување на лимфата, која е задолжена да ги отстрани отпадните материи. Расонува и го подобрува сонот. Ја подобрува срцевата работа. Ја остава природната маснотија на кожата и косата, ги контролира емоциите, помага при намалување на телесната тежина, го забрзува метаболизмот, помага за циркулација на студени раце и нозе. Помага за закрепнување на мускулите, сите професионални спортисти го користат овој метод. Во светот овој метод се практикува како секојдневна рутина, како дел од животот“, вели Котовчевска.

Кога се нафатила на овој предизвик пред девет години, вели дека имала тежок почеток и ја осудувале многу луѓе од цела Македонија.

На Пелистер (Фото: Инстаграм)

„Слушнав секакви погрдни и лоши коментари од луѓе кои воопшто немаа поим за мојата приказна и ситуација, луѓе кои знаеја само да судат без да имаат прочитано ниту еден збор за оваа наука. Бев сама и честопати се чувствував многу осамено во целиот мој процес. Не добивав поддршка од никого, но моите цел и мисија беа јасни и гласни, погласни од сите ‘хејтери’ на светот, па продолжив. Денес сум единствената инструкторка на Вим Хоф методот во Македонија, имам цела фамилија-ученици, имам излечено илјадници луѓе во и надвор од Македонија. Моето светло повеќе не се плаши да свети силно, моето светло ќе продолжи да менува и помага на многу животи. Затоа што ние сме природата и таа е дел од нас. И само таа може да нѐ излекува“, е мотото на Бетика.

Нејзина препорака до сите е да се едуцираат повеќе околу ладната вода.

„Дозволете си да влезете во дискомфор за да ги искусите сите бенефити на комфорот, да верувате во себеси и вашето тело. И секако, дишете свесно и длабоко“, вели Котовчевска.

М. ЏАРОВСКА