„МЕДЕЈА“ НА ТЕАТАРОТ „ИВАН ВАЗОВ“ ОД СОФИЈА ПОБЕДИ НА 19. СКУПИ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Претставата „Медеја“ според Еврипид, во режија на Деклан Донелан, а продукција на Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија, освои Гран при  на 19. издание на Меѓународниот театарски фестивал Скупи фестивал, што заврши на 4 октомври во Албанскиот театар во Скопје.

Освен главната награда, жирито одлучи да ја додели и наградата „Луран Ахмети“ за претставата „Половина – животот на Марија Кири“ на театарот „Метропол“ од Тирана, Албанија, а специјална охрабрувачка награда посвети на театарот „Хера“ од Истанбул, Турција, за изведбата на „Бес за двајца или повеќе“ од Јонеско, во режија на Сенем Џевхар.

Жирито што ги оцени осумте претстави на фестивалот, беше во состав: Замира Кита, актерка од Корча, Албанија, Адријан Азири, актер и Сребра Ѓорѓијевска, новинарка.

„Комплетно театарско дело, со исклучителната игра на главната актерка Радина Карџилова, темата на Медеја ни ја носи на современ начин, таков што предизвика катарза кај публиката. Доживеавме посебно театарско искуство, благодарение на извонредната актерска екипа и режисерскиот концепт. Цениме дека ‘Медеја’ на театарот ‘Иван Вазов’ се издвои од сите други претстави и покажа како антиката може да биде модерна и блиска до денешниот гледач“, стои во образложението од жирито.

Фестивалот ја додели наградата за режисерска креативност на Васил Василев за претставата „Дон Жуан“ од Молиер, продукција на Националниот театар од градот Ниш.

Меѓународниот театарски фестивал „Скупифестивал“ се одржа од 29 септември на сцената на Албанскиот театар во Скопје, под мотото „На крајот, секоја маска мора да падне”.