МЕСТАМ РУБИКОВА КОЦКА ЗА ПОМАЛКУ ОД ПЕТ СЕКУНДИ, МОЖАМ И СО НОЗЕ, ВЕЛИ 13-ГОДИШНИОТ ЃОРЃИ ЧЕШМЕЏИЕВСКИ ОД СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Тринаесетгодишнот Ѓорѓи Чешмеџиевски може да намести Рубикова коцка за помалку од пет секунди. Тоа е неговиот личен рекорд, кој се труди да го надмине на секој следен натпревар. Првиот рекорд го постигнал на седум години во 2018 на натпревар во Тирана. Моделот на коцка 2×2 го наместил за 4,38 секунди.

Најдоброто време за коцката 3×3 му е 6,81 секунда.

Ѓорѓи досега има освоено 59 медали, и тоа 22 златни, 14 сребрени и 23 бронзени на домашни и на меѓународни првенства. Освен со раце, тој знае да намести коцка и со нозе и вели дека тоа му е посебен предизвик.

Ѓорѓи Чешмеџиевски знае да намести Рубикова коцка и со нозе (Фото: Фејсбук)

„Со Рубикова коцка дојдов во контакт сосема случајно, на летен одмор кога имав пет години и веднаш ми стана многу интересна и омилена играчка. На почеток многу се мачев да наместам само една страна, за подоцна да почнам да ја местам целата. Првиот пат ми требаше цел ден да ја наместам. По две години го постигнав првиот македонски рекорд“, раскажува Ѓорѓи, кој е осмо одделение во ООУ „Гоце Делчев“ во Скопје.

Имам учествувано на 18 натпревари во речиси сите држави на Балканот.и 82 пати имам поставено македонски рекорд, вели Чешмеџиевски (Фото: Фејсбук)

Осум години откако првпат наместил Рубикова коцка, дома има колекција од околу 100. Ги набавува од секаде, ги купува и ги добива на подарок. 

„Досега имам учествувано на 18 натпревари во речиси сите држави на Балканот, 82 пати имам поставено македонски рекорд и имам освоено 59 медали. Последниот натпревар на кој учествував беше во Приштина и освоив шест медали“, вели Чешмеџиевски.

Најголемата поддршка ја има од родителите, но и од соучениците и училиштето. Учењето му помага да ја вежба концентрацијата за време на натпреварите.

Фото: Приватна архива

Ова ќе биде активна година за Ѓорѓи. Се има пријавено на три натпревари во Грција, Србија и БиХ и се надева на нови рекорди.

Како член на Македонската кјубинг асоцијација, на 2 јуни на сцената „Школка“ во скопскиот Градски парк, Ѓорѓи ќе биде дел од манифестацијата „Повторно заедно“, која ќе биде забава за децата со атипичен развој.

М. ЏАРОВСКА