МЕТЕОРСКИОТ ПОДЕМ НА РБ ЛАЈПЦИГ – ЗА 11 ГОДИНИ СТИГНА ОД 5. ГЕРМАНСКА ЛИГА ДО НАЈДОБРИТЕ ЧЕТИРИ ЕКИПИ ВО ЕВРОПА

Лисабон, (Би-Би-Си)

Во мај 2009, додека Манчестер јунајтед ја прославуваше третата едноподруго шампионска титула во Англија, нов клуб се формираше во Германија кога компанијата „Ред бул“ го купи петтолигашот Маркранштет. Две недели претходно, голманот Петер Гулачи го завршуваше својот заем од Ливерпул во Херефорд, откако тој испадна во четвртата англиска лига.

Единаесет години подоцна, РБ Лајпциг и Гулачи се во полуфиналето на Лигата на шампионите, откако со 2:1 го совладаа фаворизираниот Атлетико Мадрид, и тоа без својата главна ѕвезда Тимо Вернер, кој веќе се пресели во Челзи.

„Мислам дека сум најсреќниот тренер на светот. Овој клуб се развива многу брзо. Стигнавме до Бундеслигата и трипати се квалификувавме за Лигата на шампионите. Тоа е побрз напредок од вообичаено“, изјави 33-годишниот тренер Јулијан Нагелсман.

На РБ Лајпциг му требаа седум години да стигне до германската елита и уште четири за да влезе меѓу најдобрите четири екипи во Европа. Во овој метеорски подем се вградени и интересни лични приказни. Освен Гулачи, кој дојде во 2015 година, сегашниот капитен Јусуф Поулсен пристигна кога клубот беше во третата лига, а неговиот заменик Марцел Сабицер играше за Лајпциг и во втората лига.