Претставата „Сонцето, колку е блиску сонцето! Made in MNT“ во режија на Дејан Пројковски, која на 3 април требаше да се изведе за 80-годишниот јубилеј на Македонскиот народен театар (МНТ), се одложува за наесен. Одлуката е донесена поради трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, кога загинаа 59 луѓе, а беа повредени над 200.
Од МНТ соопштија дека во чест на првата изговорена реплика пред 80 години, на 3 април ќе се одржи маратон со следниот распоред: од 10 и 12 часот се двете изведби на детската претстава „Распеана турлитава“, па следуваат „Бели ноќи“ од 18 часот, „Мој термин“ (фото) од 19 часот и „Торонто експрес“ од 21:30 часот. Влезниците се бесплатни, а публиката ќе може да ги подигне на билетарницата на МНТ. За детската претстава билетите ќе се подигаат на 2 април од 12 до 20 часот, а за вечерните изведби, на 3 април од 12 часот.
Во рамките на 80 години МНТ, на 5 април од 20 часот на малата сцена ќе се изведе „Поетроника“, проект на Оливер Митковски и Андреја Салпе. Билетите ќе бидат бесплатни и ќе се подигаат на денот на изведбата.
Фото: К. Галевски