МОТ ИМА ОБВРСКА ДА СОЗДАВА ПУБЛИКА ПРЕКУ ЦЕЛА ГОДИНА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА МКЦ, РУСЕ АРСОВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Четириесет и шестиот Млад отворен театар почна синоќа во Младински културен центар и ќе се одржи во два блока: од 18 до 26 ноември и од 2 до 7 декември. Ќе има 25 претстави и МКЦ најавува дека сите ќе се изведат со физичко присуство.

Директорот на МКЦ, Русе Арсов, кој е и програмски координатор на еден од најомилените настани за македонската публика, за СМАРТ СДК.МК говори за предизвиците за организирање фестивал со ковид мерки.

  •  Годинешниот МОТ е со програма во живо, комплетен репертоар од 25 претстави. Зошто е важно да се дојде годинава на МОТ?

РА: Секогаш е важно да се биде на МОТ. Како беше она: „МОТ е нашиот прозорец кон театарска Европа“. Но, кога многу фестивали се откажуваат или се предaваат и бараат прибежиште во некакви онлајн формати, кога театрите се борат со поставување на своите репертоари, а независната сцена упорно се бори да остане видлива и жива, имате повеќе од една причина да бидете сега и тука и со аплауз да ги поздравите артистите на МОТ.

  •  МОТ е единственото место каде што збирно можат да се видат домашните независни продукции, најдоброто од театрите во земјава, а и во пандемијата продукциите од Европа прифаќаат да се дел од МОТ. Како програмски координатор веќе 15 години, каде сакате да се движи фестивалот? Што му треба?

РА: На МОТ му е потребно континуирано делување, а не само фестивалски врамени активности. МОТ мора да учи и креира нова публика преку цела година, со претставување на современи европски театарски продукции, стимулирање и промовирање на домашни современи продукции, но и со креирање на други едукативни и промотивни активности. Се надевам дека ова е последната година со пандемиско работење на фестивалот, па набргу ќе успееме да ги продолжиме и активностите кои ги започнавме, како предуслов за реструктуирање на фестивалот.

  • МКЦ ја придвижи културната сцена, со набиена програма за време на цела пандемија, продукција на претстави, концерти, сето тоа со почитување на протоколите за заштита на публиката. Дали имате статистика што сработевте? На што сте особено горди?

РА: Уште на самиот почеток, посебно кога стануваше сѐ поизвесно дека нема така брзо да завршиме со пандемијата, се согласивме дека мора веднаш да реагираме и да продолжиме да работиме. Пред сѐ, затоа што сме институција од јавен карактер и им бевме повеќе од потребни на уметниците и публиката со нашата дејност. Не е само пандемијата опасна. Многу предизвици беа и се пред нас, затоа сакавме културната програма (музика, изложби, театар, филм) да ја храни публиката. Внимателно, грижливо и солидарно тргнавме да реализираме настан по настан, а задоволството на лицата на нашите артисти и реакцијата и поддршката од публиката беа она што нѐ храбреше да издржиме. Реализиравме и повеќе од што верувавме. Не дозволивме одложување на ниеден од традиционалните фестивали и манифестации, бевме активни во сите дејности, а креиравме и нови активности. Во бројки, 2020 година – 400 настани, 25.000 луѓе, а 2021 досега – 480 настани, 28.000 луѓе. И да, горди сме на тимот кој беспрекорно организираше секој настан, а до крајот на годината имаме уште.

Б. НЕСТОРОСКА