40 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА БОБ МАРЛИ, НЕГОВОТО НАСЛЕДСТВО И НАТАМУ СИЛНО ОДЕКНУВА НИЗ ЦЕЛ СВЕТ

Кингстон, (Би-Би-Си)

Денеска се навршуваат 40 години од смртта на легендарниот реге пејач Боб Марли, кој почина од рак на 36-годишна возраст. Тој важи за еден од најзначајните и најпрепознатливи уметници во современата музика, чиј албум „Егзодус“ од 1977 година беше прогласен за албум на векот од магазинот „Тајм“.

Марли и „Веилерс“ по доаѓањето во Британија во 1973 (Фото: Гети)

Марли е роден во 1945 во Јамајка во мешано семејство. Татко му бил белец, морнарички офицер кој работел за британската влада и тој немал многу контакти со него додека растел во сиромаштија. Домот го напуштил на 14 години, со цел да почне музичка кариера во главниот град Кингстон, во текот на која ќе го претвори регето во глобален феномен. Првиот албум го сними во 1965 година.

Во 1972 дошол во Велика Британија со својот бенд „Веилерс“, во обид да почне меѓународна кариера. Следната година го објавија албумот „Catch a Fire“ и имаа телевизиско деби на Би-Би-Си, што им донесе нови фанови и зголемена популарност, а Марли стана дел од поп културата.

Растафаријанец по верско определување, втората голема страст на Марли беше фудбалот.

„Ја сакам музиката пред фудбалот. Фудбалот знае да биде насилен, а јас пеам за мир, љубов и такви работи. Ако некој жестоко те удри на терен, се добива чувство на војна“, изјави Марли.

Тој го имаше последниот настап во живо во Велика Британија на 13 јули 1980. Следната година почина од меланом кој му бил откриен уште во 1977. Погребан е во родното село Најн Мајл.

Како глас на обесправените, неговите богати песни за мирот и борбата, за надежта и незадоволството и натаму силно одекнуваат на глобално ниво, а особено во Јамајка, мала нација со богата култура, што ја популаризираше низ цел свет.