Третата вечер на 24. Офф-фест ќе биде целосно африканска.
Од 20 часот, во Националната опера и балет настапува Вју Фарка Туре, гитарист од Мали кого често го нарекуваат сахарскиот Џими Хендрикс.
„Туре успева да биде виртуоз на инструментот, а притоа да ја негува традицијата и вешто да разговара со сегашноста. Тој држи изведувачко авторски курс што постојано добива на интензитет, а низ неговото богато творештво постојано се проткајуваат пораките за мир, толеранција и љубов“, се вели во најавата на концертот.
На истата сцена во 22 часот почнува концертот на пејачката од Гана, Флоренс Адони, придружувана од нејзиниот седумчлен бенд. Адони ја шири низ светот традицијата на госпелот на Фрафра, етничка група од северниот дел на Гана, на која припаѓаат и нејзините родители. По повеќе од 70 европски концерти во последниве две години, Флоренс Адони доаѓа во Скопје со свеж материјал од нејзиниот последен албум.