АФРОЏЕК, „ВИНИ ВИЧИ“ И МЕЈСИО ПЛЕКС СЕ ГЛАВНИТЕ ЅВЕЗДИ НА ГОДИНАШНИОТ ОХРИД КОЛИНГ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Афроџек, „Вини вичи“ и Мејсио Плекс ќе бидат главни ѕвезди на годинашното издание на фестивалот на електронсата музика Охрид колинг, што ќе се одржува од 31 јули до 3 август во охридската касарна, објави „Авалон“. Вкупно се најавени 19 имиња, а меѓу оние кои првпат ќе настапат во Македонија е и маскираниот германски диџеј и продуцент Клептоне.

Најголемото име во поставата е холандскиот хитмејкер Афроџек (фото), кој првпат доаѓа во Македонија, додека „Вини вичи“ веќе има гостувано, но ексклузивноста на овој сет ќе биде во тоа што ќе настапат и двајцата членови на дуото, што, како што велат од „Авалон“, е најчесто резервирано за најголемите светски фестивали.

Првпат пред македонската публика ќе се претстави и американската техно ѕвезда Мејсио Плекс, а меѓу учесниците се и сингапурското дуо „Рејв рипаблик“, Лаура ван Дам од Холандија, Анри ПФР од Белгија, Фернанда Пистели од Бразил…

Влезниците ќе бидат во продажба од утре (12 јуни) по цени од 3.500, 4.500 и 6.000 денари, а дополнително ќе биде објавена цената на еднодневните карти.

(Фото: Фејсбук)