АЛТЕРНАТИВНОТО ИЗДАНИЕ НА Д ФЕСТИВАЛ ВЕЧЕРВА ЌЕ БИДЕ ПОСВЕТЕНО НА ДОМАШНАТА МУЗИЧКА СЦЕНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Ситуацијата со коронавирусот го оневозможи одржувањето на Д фестивал во неговото традиционално тридневно издание со камп и странски гости, но Дојран ова лето сепак нема да го одмине фестивалскиот дух.

„Д фестивал и пријателите“ е своевидна алтернатива за она што требаше да биде 10. издание на Д фестивал и овој еднодневен музички настан ќе се одржи вечерва на главната бина „Паркинг Гранит“, а програмата почнува во 19 часот. Учесници ќе бидат некои од најпопуларните домашни музички имиња „Суперхикс“, ЛД Пистолеро, „Бернајс пропаганда“, „Плуто‘с даутс“, Принцес Донатсу, Бон Праскиза и Донплеја, а бројот на посетители ќе биде ограничен на 30% од предвидениот капацитет.

„Сите кои имаат набавено билет за Д фестивал до 30 јули 2020 ќе можат со истиот да присуствуваат и на годинашното еднодневно и на наредното големо роденденско издание во 2021 година, што ќе се одржи од 2 до 4 јули“, вели организаторот „Пасворд продукција“.