АНА ПЕТАНОВСКА СО НАГРАДА ЗА НАЈДОБРА ИНТЕРПРЕТАЦИЈА НА ФЕСТИВАЛ ВО ШИБЕНИК

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Ана Петановска освои награда за најдобра интерпретација на фестивалот Далматинска шансона во Шибеник, Хрватска. Една од најталентираните поп-пејачки кај нас ја испеа песната „Само љубавта постои“, (Само љубав постоји) со музика на Григор Копров, текст на Роберт Пилепиќ, и аранжман на нејзиниот брат, Стефан Петановски.

„Ана растури во Шибеник, ова беше една од нејзините најдобри изведби, доби долг аплауз и овации кои сосема ги заслужи. Веднаш по настапот, хрватските медиуми се заинтересираа за неа, а најважно од сѐ е што доби понуда за соработка со ‘Кроација рекордс‘ и уште една музичка издавачка куќа“, вели композиторот Григор Копров кој беше со Петановска во Шибеник.

„Одлично си поминавме, енергијата на сцената беше неверојатно убава, тоа некако ни беше дополнителна награда. Оркестарот е фантастичен, прекрасни луѓе, убава публика и многу пријателства со луѓе што пак си ги видовме од минатата година. Секогаш е задоволство со нив да се соработува. Ние сме ептен задоволни со настапот, ова беше еден од ретките на кој не се оптеретувавме премногу технички, само се опуштивме и тие три минути беа како цела приказна“, ни рече Ана Петан.

Ова е втор нејзин поголем фестивалски успех летово. Поп-пејачката во дует со хрватскиот рокер Дадо Топиќ победи на фестивалот Бисер на Јадранот, што се одржа во јули во Тиват, Црна Гора. Првата награда им ја донесе песната „Небо“, за која музиката ја напиша Григор Копров, текстот е на Дадо Топиќ, а аранжманот е на Стефан Петановски.

Пред Тиват, Ана имаше забележителен настап и на Сплитскиот фестивал со песната „Кога ноќта ќе го сретне денот“.

Песната „Небо“, со која победи во Тиват во дует со Дадо Топиќ ќе ја испее на фестивалот Охрид фест- Охридски трубадури на 30 август на „Долни Сарај“ во Охрид.

М. ЏАРОВСКА 

 

Фото: Далматинска шансона