Американскиот рок бенд „Ар-И-Ем“ го имаше првиот настап во полн состав од 2007, откако сите четворица членови се собраа за приемот во Салата на славните за текстописци во Њујорк.
Групата стана трио откако тапанарот Бил Бери ја напушти во 1997 по претрпен мозочен удар, а целосно се распадна во 2011.
„Во тој период, не можевме да се согласиме околу ништо во музички поглед. Не можевме да се согласиме ни каде да одиме на вечера. Сега барем го можеме тоа“, кажа гитаристот Питер Бак.
Запрашан дали бендот некогаш повторно ќе се оформи, тој одговори дека тоа би била лоша идеја.
Последен пат кога сите четворица настапија заедно беше во 2007, кога групата беше примена во Рокенрол салата на славните.
„Ар-И-Ем“ е основан во 1980 и објави 15 студиски албуми, последниот во 2011.
(Фото: Гети)