ДИЏЕЈ СТИВ АОКИ КОЈ ВЛЕЗЕ ВО ГИНИСОВАТА КНИГА НА РЕКОРДИ, ВО БИТОЛА НА 2 АВГУСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Еден од најпознатите светски диџеи, Американецот Стив Аоки, за првпат доаѓа во Битола како дел од фестивалот „Битола колинг 2026“. Настанот ќе се одржи на 2 август на Градскиот стадион, а „Авалон“ најавува спектакуларно аудио-визуелно шоу.

„По минатогодишниот настап на Армин ван Бурен, фестивалот продолжува со уште едно големо светско име. Стив Аоки важи за еден од најенергичните диџеи на електронската сцена, познат по своите динамични настапи и блиската интеракција со публиката“, велат од „Авалон“.

Неговите сетови се препознатливи по таканареченото „фрлање торти“ во публика, Настапувал на некои од најголемите светски фестивали, меѓу кои „Тумороленд“, „Ултра“, „Коачела“ и „Антолд“.

Покрај настапите, Аоки има и бројни музички соработки со светски ѕвезди како Вил Ај Ем, „Бекстрит бојс“, „Блинк-182“,  Вини Вичи и други. Со милијарди стримови и постојано високи позиции на листата на диџеј Маг, тој се вбројува меѓу највлијателните во електронската музика.

Стив Аоки го држи Гинисовиот рекорд за „Музичар што најмногу патувал во една година“, поставен во 2012 кога патувал 389.221 километри и одржал 168 концерти во 41 земја.

Влезниците за „Битола колинг 2026“ ќе бидат пуштени во продажба од утре (17 април) онлајн на avalonbooking.com и во продажната мрежа на karti.com.mk низ Македонија.