Рок бендот „Ареа“ ќе одржи концерт во Велес вечерва, (9 август) од 21 часот во рамките на Велешко лето 2025. Концертот на гостиварската група е кај плочата позади ООУ “Блаже Конески”, а пред нив ќе настапи диџеј Зорбитал. .
Групата „Ареа“ е формирана во 1991. Наредната година на скопскиот Поп-рок фест ја освои првата награда и доби можност за снимање деби албум. Албумот наречен „Случајно тука”, продуциран од музичката продукција на Македонската радио телевизија, е прогласен за најдобар дебитантски албум на годината.
Во 2000 излезе албумот „Врати на имагинација”, кој постигна голем успех. Песната „Сите мои слики” стана голем хит и ја издигна групата на врвот на популарноста. Во 2005 сними албум на српски јазик, во издание на ПГП-РТС.
Во април во 2024, „Ареа“ одржаа два акустични концерти во Филхармонијата во Скопје.
Претходно, „Ареа“ во Скопје имаше неколку акустични концерти во 2010 во Универзална сала.
„Свежи се сеќавањата на тие концерти во Универзална, беше многу тажно кога ја гледавме како гори. Кога изгоре Универзална, како да изгоре душата на Скопје и се надеваме дека како Феникс повторно ќе никне“, рече Ружица Милошевска-Брчиоска, пејачката на „Ареа“.
П. ПЕЧКОВ
Фото: К. Попов