Концерт под светло од свеќи и мобилни телефони одржа синоќа аргентинскиот композитор Маурицио Анунциjата, откако поради лошите временски услови снема струја во централниот дел на Битола.
Тој го започна својот пијано рецитал под импровизирано светло, а неговите професионализам и вештина предизвикаа силни емоции и голем аплауз од публиката. Со неговата изведба на класична музика, што се одржа во рамките на „Бит фест“, уште еднаш се потврди она што медиумите во Швајцарија, Шпанија и Аргентина го пишуват за него, нагласувајќи дека неговите техничко мајсторство, убавина и експресивност на идеи ја достигнуваат висината на големите европски национални школи.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која го проследи концертот, на крај рече дека позитивната енергија на изведувачот ја избркала темнината.
Прекинот на струјата во централното градско подрачје траеше 45 минути поради дефект во напојувањето, предизвикан од обилните дождови.
Ж. ЗДРАВКОВСКА