БИЈОНСЕ САКА ДА ВЛЕЗЕ ВО ТРКАТА ЗА ОСКАР СО НОВАТА ПЕСНА ОД „КРАЛОТ ЛАВ“

Лос Анџелес, (АП)

Бијонсе издаде оригинална нова песна во пресрет на светската премиера на новата анимирана верзија на „Кралот лав“, што се одржа синоќа во Лос Анџелес.

Аренби дивата во филмот го позајмува гласот на Нала, а синглот со наслов „Дух“ веројатно ќе влезе и во трката за Оскар. Песната на Бијонсе е дел од албумот „The Lion King: The Gift“, што дигитално ќе биде издаден утре.

Бијонсе е продуцент на албумот и на него соработува и со други уметници. Оваа колекција доаѓа заедно со главниот саундтрек за „Кралот лав“, кој се состои главно од песните од оригиналниот филм, плус една нова од Елтон Џон.

„Кралот лав“ доаѓа во кината на 18 јули, 25 години по оригиналот. Во новата верзија режирана од Џон Фавро играат Киган-Мајкл Кеј, Доналд Гловер, Сет Роген и Чиветел Еџиофор, а 88-годишниот Џејмс Ерл Џонс повторно е Муфаса.