БРАЈАН ФЕРИ САМО ЗА ИЗБРАНА ПУБЛИКА ВО СЕПТЕМВРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Легендарниот британски пејач Брајан Фери ќе настапи во Скопје на 9 септември и со овој настан ќе бидат одбележани 25 години постоење на „Авалон продукција“, организатор на концертот.

Поранешниот фронтмен на „Рокси мјузик“ ќе биде придружуван од 12 музичари на концертот во Македонската филхармонија, за чија ексклузивност зборува фактот дека во продажба, почнувајќи од 20 април, ќе бидат пуштени само 700 влезници, по цена од 6.150 денари.

Од „Авалон“ додаваат дека Брајан Фери не е случајно избран за нивната прослава, бидејќи го имаат земено името токму од еден од неговите најголеми хитови.

Седумдесет и двегодишниот Брајан Фери е активен на музичката сцена речиси пет децении, при што во два наврати беше пејач на „Рокси мјузик“, со кои настапи во Скопје во октомври 2007 година.