Легендарниот бритпоп бенд „Палп“ ќе се реоформи и следната година ќе ги одржи првите концерти по повеќе од една деценија, соопштија од групата. Тапанарот Ник Бенкс изјави дека имаат потенцијална листа на датуми и места, но засега нема да ги открива деталите.
„Ова го планиравме неколку месеци, но сè уште ништо не е конечно“, кажа Бенкс.
Веста за настапите на „Палп“ ја потврди и фронтменот Џарвис Кокер, додавајќи дека тоа ќе се случи во 2023. „Палп“ го имаше последниот концерт во 2012, што беше само кратко обединување на групата.
Иако основан од Кокер уште во 1978 година, „Палп“ ги оствари најголемите успеси дури во 1990-ите како еден од предводниците на бритпопот. Последниот, седми албум го објави во 2001.