Млади музичари од триесет европски земји кои се дел од оркестарот на Институтот „Фејмс“ ќе свират со црногорскиот виолинист со светска кариера Роман Симовиќ утревечер (29 мај) во малата сала на Филхармонијата од 20 часот.
Парите од продадените билети ќе бидат донирани во Црвен крст, во фондот за поддршка на семејствата на жртвите и повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На концертот ќе се свири концерт за виолина и Симфонија бр. 7 од Бетовен.
На прес-конференцијата во Институтот „Фејмс“ во Скопје, Симовиќ, кој е концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар, кажа дека „децата“ свират фантастично и им требало неколку дена одлично да се усогласат.
„Јас сум најавен како солист и диригент на овој концерт, но оркестарот, всушност, ќе свири без диригент. Тие нема толку да ме гледаат колку што ќе се потпрат на слушањето, ми требаше неколку дена да ги научам дека ќе ги водам преку слушање. Вежбавме напорно, имаше и солзи, но паметам дека и јас многупати сум плачел поради некои мои лоши свирки. Од нив не се бараат 100 проценти зашто тоа не е доволно, туку 200, но јас верувам во нив. Кога влегов овде, како да сум влегол во Европската Унија, пробите почнуваа и завршуваа точно на време, организацијата е совршена“, рече Симовиќ.
Просториите на институтот во скопска Автокоманда се поделени во неколку дела: студио во кое младите музичари снимаат филмска музика, сала за вежбање, соби во кои спијат, бифе. Симовиќ кажа дека филмската музика знае да биде тешка и комплексна и дека и тој со Лондонскиот симфониски оркестар снима музика за познати филмови во студиото „Аби роуд“.
Уметничката директорка на Институтот „Фејмс“, Маја Чаначевиќ, рече дека младите музичари се бираат по пат на аудиција четири пати во годината и дека е горда што во моментов, таленти од триесетина земји се во Скопје, заедно со млади музичари од Македонија кои се членови на оркестарот.
„Оркестарот постои 17 години и е продукциска компанија специјализирана за оркестарско снимање музика за филмската индустрија. Компанијата има значајно влијание во глобалната индустрија за оркестарско снимање“, кажа Чаначевиќ.
„Во текот на овие години изградивме меѓународна мрежа на композитори и продукциски компании и продуциравме неколку илјади оркестарски проекти наменети за пазарите во Европа, САД, Јужна Америка и Азија. Почнавме ентузијастички, па добивме грант и доверба од Европската Унија“, рече гостинката од Франција, Од Копиц, менаџерка и продуцентка во Институтот.
Роман Симовиќ е еден од најценетите виолинисти денес, со богата солистичка и оркестарска кариера. Со Лондонскиот симфониски оркестар настапувал на некои од најпрестижните сцени во светот.
„Не можеме да им ја ублажиме болката на семејствата на настраданите во трагичниот пожар, но можеме да им дадеме барем една трошка утеха со музиката. Чест ми е што парите од билетите ќе одат за нив“, рече Симовиќ.
М. ЏАРОВСКА
Фото: Промоторот на настанот, новинарот Ѓорѓи Селков со уметничката директорка на „Фејмс“, Маја Чаначевиќ, виолинистот Роман Симовиќ и Од Копиц, менаџерка во „Фејмс“