ЏЕЗ ПИЈАНИСТОТ ГОРДАН СПАСОВСКИ Е ФИНАЛИСТ НА МЕЃУНАРОДЕН НАТПРЕВАР ЗА БИГ БЕНД КОМПОЗИЦИЈА ВО ХОЛАНДИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пијанистот Гордан Спасовски е меѓу тројцата финалисти на Меѓународниот натпревар за биг бенд композиција што го организира џез оркестарот „Милениум“ од Холандија. Овој оркестар постои 40 години, а во него свират холандски и германски џез музичари.

Финалето ќе се одржи на 31 јануари во Зволе. „Милениум“ ќе ги изведе трите номинирани композиции пред композиторите, публиката и меѓународното жири. Победникот добива парична награда од 3.000 евра.

Другите двајца финалисти се Бернард ван Росум и Крис Милер од Холандија. На натпреварот учествуваа композиции на автори од Јапонија, САД, Италија, Франција, Австрија, Белгија, Србија, Германија, Финска, Швајцарија, Холандија и од Македонија.

Гордан Спасовски (35) е пијанист, композитор и аранжер. Член е на Националниот џез оркестар. Во 2021 беше финалист на Меѓународниот натпревар за биг бенд композиција во Хелсинки. Годинава беше прогласен за најдобар џез музичар во Македонија.