Кантавторката Дина Јашари го претстави својот прв студиски албум „Растенија без корен“.
„На албумот има девет песни, снимени во различен период во изминативе три години, на различни локации, со различни луѓе. Не можам да го сместам во никаква жанровска кутија, тој е шарен, жив и искрен. Кога првпат ги напишав насловите на песните и ги наредив, одеднаш сè ми имаше смисла“, вели Јашари.
На албумот свират нејзините долгогодишни музички соработници: Лука Тошев (гитара), Драган Теодосиев (тапани), Андреа Мирческа (бас), и Драги Иванов (микс). Јашари е авторка на музиката и текстовите, а за аранжманите и продукцијата вели дека ги градела внимателно, комбинирајќи акустични изведби со електронски елементи.
„Секоја песна има своја приказна. Овојпат направив простор да влезат повеќе луѓе во процесот на креирање, што за мене беше нешто ново и на крај се покажа дека го имам совршениот тим од луѓе кои ги правеа снимачките сесии магични“, вели таа.
Дел од песните се снимени во студиото „Алшар“ со Ивица Јанкуловски. На песната „Кревка“ таа соработува со кантавторот Пијан Славеј („Фолтин“) и композиторот Дуке Бојаџиев.
Визуелниот идентитет на албумот е на фотографката Александра Костадиновска и стилистката Сара Стојчевска.
Фото: А. Костадиновска