ДОЈРАН НАЈАВИ НОВ ЛЕТЕН МУЗИЧКИ ФЕСТИВАЛ КАКО ПРОДОЛЖЕНИЕ НА Д ФЕСТИВАЛ

Дојран, (СМАРТ СДК.МК)

Во Дојран на крајот на јули ќе се одржи фестивалот Дојран Д-фест, ќе трае три дена, а ќе се реализира на три сцени со голем број домашни и странски артисти, најави градоначалникот Анго Ангов, кој склучи меморандум за соработка со „Висуал продакшн“ од Струмица, кои се јавуваат како организатори на овој летен фестивал кој треба да ја продолжи традицијата на досегашниот Д фестивал.

По 14 години, Д фестивал во организација на „Пасворд продукција“ од годинава ќе се одржува во Штип.

„Станува збор за 15. издание. На задоволство на сите, тој ќе се одржи на 25, 26 и 27 јули. Фестивалот ќе биде во ист формат и стил како досега. Ќе има камп зона, во градскиот парк ќе има две сцени со целодневна програма, а главната бина ќе биде на паркингот на ‘Гранит’, каде ќе настапат познати музички имиња. Засега се договорени Сенида, диџеј Мосел, диџеј Диволи, диџеј Никифор, диџеј Јоргос. Со тек на време ќе бидат објавувани и другите артисти кои ќе настапат на овој фестивал, кој треба да премине во балкански“, кажа Ангов.

Планот е Општина Дојран и „Висуал продакшн“ да потпишат договор за реализација на овој фестивал во наредните пет години и да се донесе одлука на Совет за да не се случуваат работи во „5 до 12“ да се дислоцира фестивалот.
„Овој фестивал е душата на Дојран. Ниту е на општината, ниту на кој било друг што сака да поентира. Се надевам дека и годинава овој фестивал ќе биде доста посетен за да ја продолжиме традицијата“, кажа Ангов.

В. ТРАЈКОВ