Нов постхумен албум на Елвис Присли ќе биде објавен на 10 август, кој содржи и дует со неговата ќерка Лиза Мари.

Албумот со 14 госпел песни излегува четири децении по смртта на кралот на рокенролот, кој почина во август 1977 година.

„Каде никој не стои сам“ е името на албумот, како и на песната што заеднички ја изведуваат таткото и ќерката, со ново снимена музика, а со вокали од старите соработници, како Дарлин Лав, Сиси Хјустон, „Империјалс“ и „Стемпс“.

„Беше многу, многу моќно и возбудливо искуство за мене да пеам со татко ми. Стиховите зборуваат со мене и ја допираат мојата душа. Сигурна сум дека стиховите зборувале со татко ми на ист начин“, изјави Лиза.

„Каде никој не стои” е 93. постхумна компилација од опусот на Елвис. Тој често говорел дека бил вљубен во госпел музиката уште од двегодишна возраст.

„Беше природен дел од мојот живот, природно како танцување. Начин да избегам од проблемите и да се опуштам“, изјавил Присли во една прилика.