ФИНСКИОТ МУЗИЧАР КАДОНУТ МАНЕР ЌЕ НАСТАПИ ВО СКОПЈЕ ВО РАМКИТЕ НА „НОВА ПРОЛЕТ НА СТОТРОЈКА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Финскиот музичар Лаури Манер ќе настапи со својот проект Кадонут Манер утре (30 мај) во скопскиот бар „Ла Кања“ (20 часот). Концертот е најавен како почеток на роденденските музички свечености на радиото „Канал 103“.

„Музиката на Кадонут Манер е емотивно патување кое го спојува американскиот гитарски примитивизам со длабочината на блузот и суровата убавина на северот. Зад себе има богата 20-годишна музичка кариера како басист во повеќе панк бендови во Финска и повеќе од 400 настапи ширум Европа, гостувања на повеќе значајни панк, фолк и џез фестивали и седум самостојни турнеи“, стои во најавата на концертот.

Препорачана донација е 200 денари.

Настапот на Кадонут Манер го означува почетокот на концертниот серијал „Нова пролет“, при што ќе гостуваат повеќе странски и домашни бендови и музичари.