Гитаристот и композитор Филип Букршлиев е годинашниот добитник на наградата за најдобар млад џез музичар, што веќе петта година ја доделува Скопскиот џез фестивал. Букршлиев е еден од најактивните и најплодни припадници на новата генерација македонски џезери, кој за краток период создаде богата дискографија.

Тој се појави на домашната музичка сцена како фронтмен на „Фајтинг виндмилс“, а во последните години повеќе се фокусираше на џезот и импровизирањето. Како еден од најбараните македонски џез гитаристи, неговото име се појавува на 20-ина изданија во изминатите пет години.

Наградата ќе му биде врачена в недела, на последниот ден од 40. Скопски џез фестивал, кога ќе има и настап во квартет формација во кино Фросина.

Претходните добитници на оваа награда се тапанарот Виктор Филиповски, клавијатуристот и пијанист Филип Димишковски, басистката Андреа Мирческа и гитаристот Иван Петровски.

Г. КОНЕВ