ХИТОВИТЕ НА БОУВИ ОТСЕГА ДОСТАПНИ И НА ТИКТОК

Скопје, (НМЕ)

Најголемите хитови на Дејвид Боуви сега се достапни и на апликацијата ТикТок, беше објавено на неговиот официјален Инстаграм профил.

„Во чест на неговиот 74. роденден, музиката на Дејвид Боуви отсега можете да ја најдете и на ТикТок“, гласеше објавата на социјалните мрежи.

Ажурирањето значи дека корисниците ќе може да додаваат клипови од најомилените хитови на Боуви на нивните видеа снимени на апликацијата.

Денеска се одбележуваат пет години од излегувањето на последниот албум на Боуви, „Blackstar“, што се случи два дена пред неговата смрт на 10 јануари. Покрај бројните обожаватели на неговата музика, вдовицата на Боуви, Иман, исто така му оддаде почит во едно неодамнешно интервју, изјавувајќи дека „тој живее секој ден во нашите срца и мисли“.